Кулиќ в понеделник ќе го достави извештајот за падот на кингерот

28.11.2014 15:08

Јавноста очекува завршниот извештај да ги лоцира не само причините, туку и одговорноста за авионската несреќа во којашто животот го загубија претседателот Трајковски и членовите на неговата делегација при слетување на Мостарскиот аеродром...

В понеделник шефот на тимот што ја спроведува повторната истрага за падот на Кингерот ќе го достави извештајот до македонските власти. Во тек се интерни процедури, тврдат за МТВ извори од Комисијата.

Потоа ќе му биде доставен и на јавниот обвинител. Во меѓувреме босанските медиуми  ја пренесуваат изјавата на Кулиќ дека Комисијата точно утврдила што се случило бидејќи сите актери биле опфатени, но дека сепак тој не смее да каже кој е одговорен.

Објаснил дека нивната задача е да испитаат како се случил падот на авионот и дека тоа сознание ќе му го пренесат и на босанскиот и на македонскиот обвинител, а нивна ќе биде олдуката  како ќе постапуваат понатаму

Јавноста очекува завршниот извештај да ги лоцира не само причините, туку и одговорноста за авионската несреќа во којашто животот го загубија претседателот Трајковски и членовите на неговата делегација при слетување на Мостарскиот аеродром.

Тимот на Кулиќ спроведе повторна истрага во земјава и во Босна, изведе симулативен лет, ги анализираше црните кутии, консултираше експерти од фирмата производител на кингерот. Во обид да ги расветли нејаснотиите околу трагедијата тој истражуваше и што преземале припадници на СФОР и контролата на летање.

Неколкупати комисијата излезе со становишта за направени пропусти и организациски, но и на поединци од текот на планирањето на летот па се до падот на авионот.

Македонија го иницираше повторувањето на истрагата откако МВР собра дополнителни докази.

Претходно комисијата формирана од босанските власти заклучи дека до несреќата дошло поради пилотска грешка при слетување што довело до тоа авионот да удри во ридот над Мостар, па обвинителството не покрена кривична постапка.

 

Фиљана Кока