Камерон со радикални мерки за намалување на миграцијата
Британскиот премиер Дејвид Камерон предложи радикални мерки за намалување на миграцијата од ЕУ, истакнувајќи дека слободата на движење низ Европа не е ,,неограничено право“.

Меѓу мерките што ги наведе Камерон е и предлогот работните имигранти дури по 4 години работа во Велика Британија да можат да претендираат за разни социјални олеснувања, како што се намалени даноци, детски додатоци или поефтини социјални станови, јавува Би-Би-Си.
Странците коишто веќе се во Велика Британија, а немаат најдено работа во рок од 6 месеци, би биле депортирани. Оние што ќе доаѓаат мора да имаат официјална покана за работа пред да влезат во земјата и нема да можат да доведуваат членови од семејството, а немаат ниту право на детски додаток ако децата на имигрантот живеат во друга земја. За државјаните на новопримените членки на ЕУ ќе биде оневозможено и вработувањето во Велика Британија, се додека нивните земји не се приближат на стандардите и економиите на другите земји во ЕУ.
Исто така би била убрзана и депортацијата на осудени криминалци. Протераните просјаци и измамници ќе имаат забрана за влез во земјата на подолг период.
Камерон рекол дека Велика Британија многу им должи на доселениците и дека е горд на ,,мултирасната “ современа Британија, но сепак миграцијата мора да биде ставена под праведна контрола.
