Свечена заклетва на 44 нови волонтери од Мировниот корпус на САД
44 нови волонтери на Мировниот Корпус од денеска им се придружуваат на повеке од 217 илјади волонтери што служеле во 139 земји од светот. По свечената заклетва пред Амбасадорот на САД и Претседателот на Македонија ја почнаа својата двегодишна служба во 33 заедници низ државава.

Мировниот корпус не е создаден како инструмент на дипломатијата, пропаганда или пак идеолошки конфликт туку да им овозможи на американците да имаат поголема одговорност и учество во развојот и мирот во светот - порачал Претседателот Кенеди уште пред 53 години кога го формирал. Има три цели - да им помогне на луѓето да разменат знаења и искуства, на земјите домаќини да имаат подобро разбиорање за американскиот народ, а на американците да стекнат подобро разбирање за лугето од различни земји.
„Заминуваат во нивните нови места на живеење за да почнат нов живот како наставници по англиски јазик и волонтери што ќе работат на развојот на заедниците. Нивната работа ќе ги поддржува националните приоритети на министерствата за образование и наука, за локална самоуправа и за труд и социјална политика“, рече Кетлин Кори, директор на Мировниот корпус.
Ова според Амбасадорот на САД во земјава е уште еден пример за зајакнатото партнерство мегу американскиот и македонскиот народ.
„Американците веруваат во моќта на човечките капацитети да ги менуваат работите на подобро. И овие волонтери доагаат во Македонија со таква верба“, рече Пол Волерс, амбасадор на САД во Република Македонија.
Од сите вредности кон кои се стреми човекот најпосакуван но и најтешко остварлив е мирот се обрати и преседателот Ѓорге Иванов. Се заблагодари на сите генерации волонтери на Мировниот корпус.
„Од мирот зависи економијата, развојот, планирањето на нашата иднина и иднината на нашите деца. Но мирот не е униформен ниту ултимативен, мирот се гради преку дијалог, почитување и прифаќање на различноста“, рече Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија.
Како дел од обуката волонтерите интензивно ги изучуваа македонскиот јазик и култура, а оние распоредени во западниот дел од Македонија и албанскиот.
Лидија Чакар
