МО и ГШ: Во случајот на професионалниот војник Манаилов нема повреда на процедурите

28.11.2014 15:46

Целосно биле испочитувани правилата за стражарското обезбедување и безбедносните процедури, велат од генералштабот. Поради претходни сознанија од МВР за десетарот Манаилов имало кривична пријава за насилство, не бил ангажиран на стража 8 месеци, од јули 2013-тата до февруари годинава...

Најверојатно професионалниот војник Манаилов го извршил тројното убиство во афект, претпоставуваат невропсихијатрите и психолозите од Воено-медицинскиот центар.

Индициите говорат дека чинот на кој се решил бил предизвикан од нечија информација што ја добил додека бил на стража. Ништо претходно не упатувало дека тој имал психички проблеми. Извршените прегледи за емоционалната стабилност и социјалното однесување биле со уреден наод. Тоа веднаш по убиството го потрдија и од генералштабот.

„Во однос на извршувањето на неговите задачи и однесувањето,било во согласност со прописите и законите и не сме имале никаков проблем како Армија. Напротив, имал и високи оценки“, изјави портпаролот на Генералштабот на АРМ, полковник Мирче Ѓоргоски.

Целосно биле испочитувани правилата за стражарското обезбедување и безбедносните процедури, велат од генералштабот. Поради претходни сознанија од МВР за десетарот Манаилов имало кривична пријава за насилство, не бил ангажиран на стража 8 месеци, од јули 2013-тата до февруари годинава.

Лекарите ја исклучуваат можноста од поствоен синдром, на служба во АРМ Манаилов бил од 2000-та, но не бил директно вклучен во воениот конфликт. Добрите оценки и прегледите му овозможиле во 2012-тата да биде дел и од армискиот контингент во мисијата ИСАФ.

Психолошките и невролошките тестови кај професионалниот војник покажале дека тој не страдал од поствоен синдром,тврдат од Министерството за одбрана и од Генералштабот.

 

Милчо Велески