Македонија на 9-то место на светската листа по трансплантации од жив донор

28.11.2014 16:23

Докторите велат, 10 отсто од овие операции се со компликации што е процент во светски рамки. А последниве години намалена е и листата на чекање...

Даниела Илиевска девет години живее со бубрегот на нејзиниот татко. Откако се збогува со дијализата на која одеше по четири часа секој ден, вели има нормален живот. Порачува секој кој може да дарува орган.

„Тоа е едно хумано дело, органодарителство највисок чин што може да се спаси живот на многу луѓе“, вели Даниела Илиевска- пациент од Куманово.

Докторите велат, 10 отсто од овие операции се со компликации што е процент во светски рамки. А последниве години намалена е и листата на чекање.

„Колегите од неврологија како ги спремаат пациентите така ние ги опрерираме, значи нема ниту месец дена чекање. Пациентите кои се на кадаверичната листа на чекање таа е подолга и таа е малку подолга и зависи од бројот на кадавери колку ќе имаме детектирано“, изјави спец. д-р Сашо Дохчев од Клиника за урологија.

Од мајка на син- денеска на Клиниката за урологија се изврши 38-та трансплантација на бубрег за оваа година.

„Ако последниве 30 години имавме направено вкупно 308 трансплантации на бубрези од жив донор само во изминатите три години бројката на трансплантирани органи е 92 што значи дека секоја година имаме се повеќе и повеќе трансплантации“, вели д-р Аспазија Софијанова, национален координатор за трансплантација.

Со овие бројки земјава е на 9-то место на светската листа по трансплантации од жив донор. Зад нас се високо развиени здравствени системи како земјите САД, Јапонија, Данска, Шведска, Германија.

За докторите посебен момент е кадаверичната трансплантација. Но, велат треба време за таа да заживее. Годинава 12 пациенти добија бубрег од починат донор.  

 

Андријана Атанасовска