Фрапантни податоци од превентивните прегледи на матичните лекари
Кај 55.000 е откриен ризик од срцеви заболувања, кај 45.000 има ризик од дијабетес, а 12.000 имаат ризик од бубрежни заболувања...

Застрашувачки податоци откако матичните лекари преветивно прегледаа граѓани што ништо не ги боли. Кај 55.000 е откриен ризик од срцеви заболувања, кај 45.000 има ризик од дијабетес, а 12.000 имаат ризик од бубрежни заболувања. Проектот на Фондот за здравствно осигурување почнал пред 6 месеци и со него биле опфатени над 300.000 осигуреници.
„Податоците ФОЗМ ќе ги презентира пред комитетот за здравје при Владата преку кои ќе се утврдат следните чекори во здравствената политика. Верувам дека акцентот ќе биде ставен врз младата полулација, да се едуцираат како да водат грижа за здравјето“, изјави Маја Парнарџиева- Змејкова, директор на ФЗОМ.
Податоците што за прв пат се објавуваат, се поразителни посебно кај младата популација, од 14 до 24 годишна возраст. 27 проценти од нив се пушачи, што е многу повисок просек од меѓународниот, 22 насто. Со рано откривање на овие болести ќе се спречат ампутации кај дијабетично стапало, слепило, мозочни и срцеви удари, предвремена смрт.
„Досега од сите повиканите пациенти околу 80 % се одзвале и се јавиле на преглед кај матичниот лекар. Пациентите се задоволни што конечно некој води грижа за нивното здравје“, смета д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружение на матични лекари.
Превентивните прегледи ќе траат до декември наредната година.
Наташа Јанчиќ
