Папата Франциско во Турција: Проблемите не може да се решат само со воени средства
Папата, кој ја благослови Турција како голем мировник во регионот, порача дека сите треба да им се спротивстават на фанатизмот и братоубиствата на Средниот исток...
Строгиот Аргентинец, папата Франциско, е првиот почесен гостин во контроверзниот сарај од 1000 соби на турскиот претседател Ердоган. Во време на растечката закана од Исламска Држава, првиот човек на Римокатоличката црква доаѓа во деликатна мисија да ги зајакне врските со муслиманските лидери и да го осуди насилството против христијаните и другите малцинства на Средниот Исток. Во фокусот е бегалската криза, чијшто најголем товар падна врз Турција.
„Турција во моментов е сведок и таа што им помага на голем број бегалци од конфликтните области. Ви благодарам што му го пренесовте тоа на светот“, рече папата Франциско, поглавар на Римокатоличката црква.
Папата, кој ја благослови Турција како голем мировник во регионот, порача дека сите треба да им се спротивстават на фанатизмот и братоубиствата на Средниот исток.
„Проблемите не може да се решат само со воени средства. Потребен ни е дијалог. Муслиманите, Евреите и Христијаните треба да имаат исти права и обврски пред законот“, рече папата Франциско, поглавар на Римокатоличката црква.
„Ја чувствуваме и ја гледаме опасноста што се приближува и го повикува човештвото да преземе мерки на претпазливост“, рече Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.
Турскиот претседател, кој претходно имаше средба со муслиманските лидери, ја обвини меѓународната заедница за двојни стандарди во врска со „одредени масакри во светот“, споредувајќи ги Курдската работничка партија и сирискиот режим. Критикувајќи ги „ксенофобијата и расизмот на Западот“, Ердоган рече дека организациите како ИДИЛ, Боко Харам и Ал Каеда се резултат на лоша политика.
Папата тридневната посета на Турција ја почна со посетата на мавзолејот на основачот на секуларна Турција, Кемал Ататурк. Во фокусот ќе биде мисата и средбата со вселенскиот патријарх Вартоломеј, како дел од напорите да се подобрат врските меѓу западното и источното крило на христијанството.
Ивана Салтировска
