Верските лидери помеѓу религијата и политиката
Верските лидери имаат посебна тежина со своите пораки, кои често излегуваат од духовното, и иако се опфаќаат општествени теми, дел од поглаварите упатуваат и политички пораки кои звучат остро токму затоа што ги изговориле духовни отци...

Толеранција, соживот и почитување на различниот. Од една страна декларативни заложби, од друга изјави кој ја преминуваат црвената линија. Познавачите на оваа сфера велат дека верските лидери имаат посебна тежина со своите пораки, кои често излегуваат од духовното, и иако се опфаќаат општествени теми, дел од поглаварите упатуваат и политички пораки кои звучат остро токму затоа што ги изговориле духовни отци.
„Ако поглаварот на МПЦ во последно време упатува пораки исклучиво за христијанството и прави линк со верниците, Папата повикува на мир и ретко кога употребува политички вокабулар за Западен Балкан да се интегрира во Европа, српскиот патријарх Иринеј пак сака да го посрби Христијанство, а реисот Сулејман Реџепи да го албанизира Исламот“, анализира професорот Зоран Матевски.
„Кај Реис Сулејман Реџепи, за жал имате чисти политички пораки што кога ќе го слушате добивате впечаток дека не зборува религиски лидер туку дека зборува политички лидер. Значи, се гледа дека е во максимален дослух со албанските политички лидери кои што се не само во Македонија него и во регионот и упатува некакви политички пораки коишто се многу опасни“, вели Зоран Матевски, унверзитетски професор.
„Вие се земате за право да решавате кои човек како ќе се нарекува, кој народ како ќе се нарекува, тоа сепак е преседан, такво нешто еден верски поглавар не може да праве“, вели Бранко Ѓорѓевски, новинар.
Верски поглавар точно треба да знае каде да прекине со говорот за да се задржи хуманоста и духовноста во неговото послание – велат Ѓорѓевски и Матевски. За споредба со останатите, рускиот патријарх Кирил ја води стратегијата на Путин да доминира во светски рамки при тоа водејќи кампања и на духовен план да го потисне влијанието на Цариград.
„Они треба да бидат свесни на опасноста и ризикот од тоа како нивните зборови подоцна ќе се прелеат во главите на некои заслепени фанатици коишто нивните зборови ги слушаат без поговорно“, вели Бранко Ѓорѓевски, новинар.
„Кога религиски лидер упатува политички пораки, тоа го прави прилично неспретно, не ги познава елементите и понекогаш може да направи голема грешка во чекори, како што тоа го прави поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија“, вели Зоран Матевски, унверзитетски професор.
Останува на верските првенци да се умерени во своите кажувања велат аналитичарите. Пораките кои се кажуваат не ретко може да предизвикаат негација кај граѓаните, па желбата за толернација да биде потисната од револт.
Миле А. Ристески
