МВР: Македонскиот пасош е невозможно да се фалсификува

28.11.2014 19:09

Неделникот „Фокус“ објави фотографии и видео од непозната локација на која се правеле македонски пасоши. Медиумот информира дека снимката ја добил од анонимен доставувач и ја проследил до јавното обвинителство. Од МВР велат дека не добиле пријави за фалсификат. Тврдат дека македонските биометриски исправи се меѓу водечките во Европа според заштитните елементи против можна злоупотреба.

Ова е дел од видеото што го објави неделникот Фокус според кое на непозната локација рачно се изработувале пасоши. Полицијата тврди дека станува збор за тенденциозни монтажи и измислени обвинувања. Апелираат до Фокус да ги приложат доказите за да се отврлат сите сомневања дека се фалсификуваат пасоши.

Досега во МВР не недостасувале оригинални обрасци. На ниту една граница од странска држава или институција во и надвор од Македонија нема пријава дека некој злоупотребувал фалсификувани обрасци за каква било потреба. Македонскиот пасош е речиси невозможно да се фалсификува, тврдат од министерството.

Македонските патни исправи од втората генерација, се меѓу водечките во Европа, со заштитни елементи кои ги поседуваат за надминување на ризиците од потенцијална злоупотреба и фалсификат. Содржат преку 20 елементи на заштита поделени во четири категории, хартија, страницата за личните податоци, па се до персонализацијата во машински читливата зона и внесувањето на податоците во чипот.

Заштитни елементи пасош

Внатрешна страница од предна корица

-невидливи заштитни кончиња

- орнамент со оптичко варијабилно мастило

- антикопир елемент

Пластична страница – персонализиран дел

  • Позадинско печатење
  • Вграден бесконтактен чип
  • микротекст

Внатрешна страница задна корица

  • латентна содржина Republic of Macedonia
  •  PEAK елемент со содржима ,,MKD,,
  • Фотографијата и податоците гравирани со ласер технологија.

Уште една потврда дека не постои можност за фалсификување според надлежните е податокот дека бланко обрасците се изработуваат во странство. Фирмата што ги изработува пасошите, Гисеке и Девриент, е истата која ги изработува еврата, една од банкнотите во светот која што е безмалку невозможно да се фалсификува. МВР редвоно поднесува барање до Гисеке за точниот број обрасци за пасоши и внесените заштитни елементи. Обрасците се строго чувани во МВР, со евиденција за бројот. Најголема гаранција е фактот што пасошот единствено може да го активира сопственикот. Полицијата побара од неделникот да ги достави доказите за да се оттргнат сите дилеми за тенденциозните монтажи и измислени обвинувања.

Наташа Гркова - Петрушевска