Тинејџер прободен со нож во тетовската Гимназија

28.11.2014 19:15

Според првичните полициски информации, инцидентот се случил во дворот на гимназијата, пред објектот во кој учат само ученици македонци. Таму влегла поголема група ученици, но и други лица. Започнале расправија, која прераснала во тепачка...

17 годишен ученик се здобил со три убодни рани при тепачката која попладнево околу 16 часот се случила во дворот на тетовската гимназија Кирил Пејчиновиќ.

Според првичните полициски информации, инцидентот се случил во дворот на гимназијата, пред објектот во кој учат само ученици македонци. Таму влегла поголема група ученици, но и други лица. Започнале расправија, која прераснала во тепачка.

Повреденото момчето е од трета година од македонската паралелка. Веднаш било префрлено во тетовската Клиничка болница. Од таму информираа дека не е во животна опасност, но на барање на семејството префрлено е на скопска клиника.

Полицијата повикала на разговор тројца малолетници како осомничени дека директно учествувале во инцидентот. Дознаваме дека лесно биле повредени уште неколку лица.

Увидот во дворот на гимназијата траеше до доцна попладнево. Се расветлуваат причините за инцидентот.

Од гимназијата информираа дека веднаш по инцидентот наставата била прекината, а учениците со полициска придружба биле изнесени од дворот.

Зоран Јованоски