Конференција за млади лидери во Охрид
29.11.2014 10:34
Учесници на Конференцијата за млади лидери „Предизвици и можности за балканското лидерство денес“ се претставници на петте генерации на Школата за млади лидери...
Во Охрид денеска и утре се одржува Конференција за млади лидери „Предизвици и можности за балканското лидерство денес“, на чие отворање ќе се обрати претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Предвидено е и присуство на поранешниот претседател на Бугарија, Георги Прванов и поранешниот претседател на Албанија, Бамир Топи.
Учесници на Конференцијата за млади лидери „Предизвици и можности за балканското лидерство денес“ се претставници на петте генерации на Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот Иванов, се одржува на годишно ниво од 2010 година. Идејата на претседателот Иванов за одржување на школата е да им се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, во рамки на дводневната Конференција за млади лидери „Предизвици и можности за балканското лидерство денес“ свои предавања ќе одржат професорот Драган Стефановиќ и Мухамед Мешиќ, а ќе се одржи и дебата на тема „Придонесот на ИСЛАА во лидерството на следната деценија“.
Досега, на Школата за млади лидери, учествуваа околу 200 млади луѓе со различен академски и професионален фокус.
