Јанкулоска: До МВР да се достават сознанијата и доказите за наводната изработка на пасоши
29.11.2014 13:43
МВР, како институција за сите нивни сознанија или евентуални докази им стои на располагање за целосно да се истражат и да се отфрлат какви било сомнежи, ако некој воопшто ги има...

Лицата блиски до опозицијата кои се обидуваат да отворат тема не се погрижија да понудат аргументи. Сосема е погрешен пристапот и обидот да се исценира некаква афера затоа што очигледно е дека пристапот е нестручен и оној што се обидува да ја наметне темата во јавноста не го познава процесот. МВР, како институција за сите нивни сознанија или евентуални докази им стои на располагање за целосно да се истражат и да се отфрлат какви било сомнежи, ако некој воопшто ги има.
Ова го изјави денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во врска со написот и видеото што вчера го објави еден македонски неделник за, како што се тврди, изработка на пасоши.
Република Македонија, со над 20 различни типови на високософистицирани заштитни елементи во патната исправа, односно во нашите лични документи, спаѓа во редот на земјите кои имаат втора генерација биометриски документи и кои имаат најбезбедни документи не само во Европа, туку и во светот. Практично, патната исправа на Република Македонија може да биде активирана само од лицето кое е нејзин сопственик, односно чии податоци се ласерски гравирани во поликарбонатната страница на патната исправа, појасни Јанкулоска.
