Гевгелија- привлечна дестинација за странските инвеститори

29.11.2014 13:55

Локалните власти велат дека има интерес кај кинески, германски, грчки и турски бизнисмени кои сакаат да инвестираат и да отворат производствени погони во Технолошко- индустриската развојна зона...

Гевгелија останува интересна за потенцијалните инвеститори. Локалните власти велат дека има интерес кај кинески, германски, грчки и турски бизнисмени кои сакаат да инвестираат и да отворат производствени погони во Технолошко- индустриската развојна зона. Последната вест стигна од турските стопанственици кои сакаат таму да добијат безцаринска индустриска зона. Граѓаните велат- секоја инвестиција е добредојдена.

„Сигурно и за развој на Гевгелија и на околината, а ќе има и вработување на млади луѓе... За младите да се вработат, да не седат дома“, велат гевгеличаните кои случајно ги анкетиравме.

Општината стои на располагање на бизнисот. Велат дека се во постојана комуникација со Дирекцијата за технолошко- индустриски развојни зони со цел овозможување на сите услови за инвеститорите.

„Ние се што треба од делот на урбанизацијата и дополнителната инфраструктура сме на располагање, не само да пројавуваат интерес туку и да дојдат потенцијалните инвеститори“, изјави градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов.

Во технолошко- индустриската развојна зона, локалните власти гледаат потенцијал за отворање нови работни места, но и развој на локалната економија.

„Секој невработен е процент, и за нас прв интерес е да се отворат работни места и да заживее целата економија“, додава Франгов.

Технолошко- индустриската развојна зона се наоѓа во близина на Прдејци.

Од општината велат дека освен постојната зона со површина од 50 хектари, урбанизирале уште една од 90 хектари за привлекување странски инвеститори.

 

Катерина Давчева