Недопрената природа на Мариово- магнет за туристите

29.11.2014 14:00

Најголемата атракција тука во Мариово е Зовичкиот мост, изграден во 50-тите години, а за јавноста стана познат со снимањето на филмовите на Милчо Манчески...

Недопрената природа, реките, манастирите, се адутот кој се повеќе ги привлекува туристите во Мариво. Одлучивме да поминеме еден ден во овој недопрен рај. Прво го посетивме селото Зовиќ, каде меѓу 10-те останати жители е и 80 годишната баба Сава. Никогаш не излегла од Мариово, но е презадоволна од животот.

„Како живееме убаво да ти кажам, живееме како што ние сакем, баш убаво“, вели“, Сава Марковска, жител на с. Зовиќ.

Вели дека туристи имало многу, а таа сите нив топло ги пречекувала.

„Ги честам дури имам со се, со јадење, со пиперки, со пијачка, пред два дена беа тука 10 странци, незнаеја македонски, јас им викам може кафе, ми кимнаа со главата и тука го пиеја во дворот, дома не сакаа да влезат“, додава баба Сава.

Најголемата атракција тука во Мариово е Зовичкиот мост, изграден во 50-тите години, а за јавноста стана познат  со снимањето на филмовите на Милчо Манчески.

Сега мостот е реконструиран, заедно со воденицата под него и е навистина магично место. И другите жители велат дека постојано доаѓаат туристи кои ги привлекува природата..

„Странци доаѓаат често, неделно може и по 3-4 возила“, вели Душко Ристевски, жител на с. Зовиќ.

„Секој ден има туристи тука, нема ден да не дојдат, сакаат да го видат најмногу мостот“, изјави Милан Маркоски, жител на с. Зовиќ.

Од Зовиќ заминавме за Чебренскиот манастир, бидејќи немавме теренско возило, одевме час и половина, но се исплатеше. Сместен покрај реката Црна, во Чебренската клисура тој е вистински бисер на Мариово.

Го посетивме и селото Старавина, каде се наоѓа куќата на Калеш Анѓа.

Реконструираната куќа на Калеш Анѓа треба во иднина да биде и внатрешно преуредена во етно стил, со што би станала музеј и би била дополнителна атракција за туристите кои доаѓаат тука.

Таму живеат едни од ретките повратници во Мариово брачниот пар Стојаноски, кој се преселиле тука од Битола.

„Ги интересира најмногу освен природата и органската храна, сакаат да купат, а ние им продаваме мед“, рече Даница Стојаноска, жител на с. Старавина.

За да го развие туризмот општината донесла и стратегија со која старите објекти, како училишта, касарни и караули ги дава под концесија за изградба на хотели.

„Ги даваме тие објекти на долгорочна концесија и тоа бесплатно, се со цел економски да се подигне тој крај“, вели Лазар Котевски, градоначалник на Општина Новаци.

Во иднина ќе се развива и туризмот каде поминувал фронтот од Првата светска војна, со што старите ровови и магацини кои сега се под земја, би се откопале и би станале музеи. Но за да се реализира сето ова неопходно е прво асфалтирање на патот до Старавина во должина од 20-тина км.

 

Дарко Штаргоски