Инфраструктурата, инвестициите и туризмот- приоритети за Прилеп

29.11.2014 14:08

Прилеп ја доби нацрт верзијата за локалниот економски развој за наредните шест години. Институциите се изјаснија, а приоритет остануваат инфраструктурата, привлекувањето инвестиции, развој на туризмот...

Намалување на невработеноста, инфраструктурата, привлекување домашни и странски инвестиции, заштита на животната средина и обновливи извори на енергија. Ова ќе бидат приоритетите на новата стратегија за локален економски развој на Прилеп. Нацрт верзијата по шест месеци е готова. Работеа пет тима со 75 стручни лица од институциите во градот.

„Главен акцент е на развој на инфраструктурата, како еден значаен сегмент за поддржка на локалниот економски развој, повторно урбанизација, значи она што беше во претходниот период, значи надополнуваме, тоа во континуитет се продолжува, одредување мерки за поддршка на економскиот развој, и пред се, привлекување на инвестиции и развој на работна сила, развој на земјоделството“, вели Винета Иваноска, сектор за Локален економски развој.

И во новата шестгодишна стратегија учествува програмата за Експанзија на мали и средни бизниси при УСАИД.

„Општина Прилеп е навистина сериозен партнер, општина која се залага за развој и знаеме сето она што е инвестирано во стратегијата  за локален економски развој дека во иднина, во наредниот шестгодишен период и ќе биде реализирано“, изјави Мирјана Македонска, заменик директор на програмата за експанзија на мали и средни бизниси при УСАИД.

Прилеп беше меѓу првите во државава што оформи Економски совет. Градските власти задоволни од досегашниот економски развој. Новата стратегија е до 2020-та и е континуитет на досегашната.

„Ни овозможи експанзија на градот Прилеп во секој поглед. Во поглед на развој на инфраструктурата во градот, во подобрување на квалитетот на животот на нашите сограѓани каде било на територијата на Општина Прилеп, во секој поглед и сегмент, урбанизација на градот, индустриски развој“, објаснува Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Остануваат уште предлозите на граѓаните, па градскиот совет да го изгласа новиот економски развој на Прилеп.

 

Елизабета Митреска