Македонскиот народен театар една година го живее својот сон

29.11.2014 16:36

Голем број претстави во изминатата година се одиграа на сцената на Македонскиот народен театар. Помладата генерација актери велат дека театарот им станал втор дом. После „Вечната Куќа“ на улогите им нема крај...

„Запишано е од Eрусалим во Mакедонија ќе појдеш!“ Оваа реплика за една година ја слушнаа 20.000 љубители на театарската уметност кои го посетија новиот Mакедонски народен театар. Честа да го отвори му припадна токму на Петар Темелковски. Тој и Искра Ветерова се присетија како пред една година со актерската екипа нестрливо чекале да настапат во новиот храм на театарската уметност.

„Тоа треба да се доживее, еве и по една година тоа чувство на восхит, на радост и на некој творечки трепет, никако не може да ме напушти“, вели Темелковски.

„Во некој транс бевме сите. Од после кога ќе видев некои снимки чувствував како на некој друг да му се случило тоа и дури ми се плачеше колку било убаво...“, додава Ветерова.

Снежана Коневска - Руси вели дека за својот роденден го добила најубавиот подарок кој еден актер би можел да го посака. Вели дека од тој ден се променила уметноста во Македонија, а театарот  почнал да пишува ново поглавје во својата историја. Радосна е што луѓето се вратиле на старите навики и повторно игра пред полна сала.

„Публиката не само што се вратила во овој театар, туку е љубопитна и да го види и од внатре и од надвор и да ужива во она што ние ќе им го претставиме“, изјави Коневска- Руси.

Голем број претстави во изминатата година се одиграа на сцената на Македонскиот народен театар. Помладата генерација актери велат дека театарот им станал втор дом. После „Вечната Куќа“ на улогите им нема крај.

„Мислам дека немаме застанато. Од проект во проект, ова ни е како втор дом“, вели Дарија Ризова.

„Градски кажано- гужва. Навистина од тогаш се направија повеќе проекти“, додава Драгана Костадиновска.

„Една година МНТ го живее својот сон заедно со публиката која што оваа година доаѓа од сите градови од Македонија“, вели уметничкиот директор на МНТ, Дејан Пројковски.

Повторното раѓање на македонскиот народен театар е духовен празник за нашиот народ , куќа во која е сплотена нашата култура и историја велат  нашите соговорници.

Стариот театар ќе остане во спомените на скопјани, а новиот станa дом на генерации и генерации уметници и артисти . Тука на ова место каде некогаш кариерата ја почнале најголемите македонски актерски имиња, тука почна да се пишува поновата историја на македонската култура и уметност.

Викторија Тодоровска