Јанкулоска: Нестручноста се согледува, фалсификат исправа би била лесно воочлива

29.11.2014 16:49

Сосема е погрешен пристапот да се исценира сомнеж, вели таа нагласувајќи дека оној што се обидува да ја наметне аферата има нестручен пристап – со ова отфрлајќи ги обвинувањата дека некој фалсификува македонски патни исправи. Нестручноста се согледува, вели Jанкуловска, и во споменувањето на АФИС системот...

Без да понудат аргументи лицата блиски до опозицијата се обидоа да отворат афера- вели министерката за внарешни работи Гордана Јанкулоска. Сосема е погрешен пристапот да се исценира сомнеж, вели таа нагласувајќи дека оној што се обидува да ја наметне аферата има нестручен пристап – со ова отфрлајќи ги обвинувањата дека некој фалсификува македонски патни исправи. Нестручноста се согледува, вели Jанкуловска, и во споменувањето на АФИС системот.

„Го спомнуваат АФИС системот, но тој воопшто не служи за изработка на документи. Зборот АФИС е кратенка од автоматски систем за проверка на отисоци од прсти и тоа значи дека таквите системи ги користат институциите и органите надлежни за спроведување на законот за компарирање на отпечатоци од прсти“, објаснува министерката Јанкулоска.

Еден од најбезбедните пасоши е македонскиот, со над 20 видови заштита. Во земјава пасоши не се прават туку само се внесуваат податоците на граѓаните, вели Јанкулоска. Фалсификат исправа би била лесно воочлива, но никој досега не пријавил дека таква е откриена.

„Досега не е евидентиран обид да се премине државната граница со фалсификуван документ кој многу лесно се открива, ниту пак која било држава во светот преку системот на Интерпол не известила дека македонски документ е фалсификуван или дека некој со македонски документ се обидел да ја премине државната граница на која било земја“, додава Јанкулоска.

Неможам да ја претпоставам идејата на опозицијата која се обидува да ја наметне оваа  неиздржана тема, рече министерката за внатрешни работи. Потенцирајќи дека изработувач на македонските пасоши е истата фирма која ги прави и еврата. Сепак Јанкулоска вели дека МВР стои на располагање сите сознанија да се истражат и сомнежите да се отфрлат ако ги има.

Дали темата пасоши е една од бомбите на Заев- Јанкулоска вели не се занимава со него бидејќи има посериозни теми да ја задржи довербата кај гражаните и да ги реализира владините проекти.

Неделникот „Фокус“ објави текст и видео материјал со тврдење дека во домашни услови некој фалсификува македонски патни исправи.

 

Миле Ристески