Расте интересот за изградба на приватни старски домови
Според властите, цената од едно евро за квадрат, ниските трошоци за комуналии, евтините кредити и мерките за самовработување, се дел од причините за големиот интерес...

Тројца инвеститори сакаат да градат капацитет во Катланово. Локацијата за еден месец оди на продажба. Според властите, цената од едно евро за квадрат, ниските трошоци за комуналии, евтините кредити и мерките за самовработување, се дел од причините за големиот интерес.
„Тројца инвеститори има заинтересирани, локацијата е навистина на погодно место во Катланово. Верувам дека сите тие ќе аплицираат на повикот којшто ќе го објавиме за продажба на локацијата и објектот којшто ќе им се стави на располагање“, вели министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Досега се отворени 16 приватни старски домови, а уште две локации се продадени во општината Аеродром. Според Спасов, со ова се подобруваат условите за згрижување на пензионерите.
Досега околу 27.000 пензионери ја искористиле бесплатната бањска рекреација.
Според министерот Спасов, невистина се изјавите дека се кратат средствата за посмртнина.
Оваа година на бањски туризам заминале 5.500 пензионери за што биле издвоени 35 милиони денари. Поектот е целосно бесплатен за пензионерите, вели Спасов, кој најави дека проектот ќе продолжи и во 2015- тата година.
Дијана Ценевска
