Нов блесок на Вардар за враќање на победносниот од
Во исклучително атрактивна игра на двете страни со спектакуларни моменти и луцидни акции, Вардарци иако соочени со неколкумина повредени ракометари одиграа во голем стил...

Во еден од најдобрите натпревари во Лигата на шампионите сезонава, Вардар по вторпат славеше над Цеље, овојпат со 34 : 32. Во исклучително атрактивна игра на двете страни со спектакуларни моменти и луцидни акции, Вардарци иако соочени со неколкумина повредени ракометари одиграа во голем стил. Почнаа со двата гола на Карачиќ и Дибиров во првите 50 секунди игра, а по 5 минути водеа со 5 : 2. Но, најтрофејниот словенечки клуб кој во голем стил го совлада Рајн некар претходната рунда, го прифати предизвикот и првпат израмни на 5 : 5. Предводен од Слишковиќ и Зарабец имаше и на двапати водство од гол разлика. Но, по негативата 7 : 8 со серија од три гола на Чипурин, Брумен и Терзиќ, Вардар возврати за 10 : 8. Гостите парираа успешно и успеваа дури 7 пати да израмнат, последен пат на 12 : 12. Следуваше нова серија од 3 гола за враќање на предноста, а шестилјадната публика во „Јане Сандански“ уживаше во “гол шоуто“ во првото полувреме, по кое Вардар замина со предност од 19 : 17.
Уште порешително тргнаа по паузата и за 6 минути направија 22 : 18. Гостите се трудеа и вратија на двапати на само гол разлика. Тогаш на сцена стапи Горбок со 5 погодоци во вториот дел, придружуван од Карачиќ и Дибиров и сигурниот Штербик меѓу стативите, па Вардар во последните 10 минути влезе со 32 : 27. Разликата успешно ја одржуваа до крајот, а упорните словенци успеаја само да го ублажат поразот на 34 : 32. Најефикасен кај Вардар беше Дибиров со 7 гола, Карачиќ постигна 6, а со гол помалку завршија Тоскиќ и Горбок. Во редовите на Цеље Слишковиќ најзабележителен со 9 гола, а Зарабец постигна 6. Во пресрет на гостувањето кај Чеховски Медведи следниот викенд, Вардар се зацврсти на втората позиција со 9 бода, 5 помалку од Веспрем.
