Бегалци од Сирија се кријат во планините во Лојане
Доаѓаат во групи од 10-тина луѓе и тоа во ноќните и рани утрински часови. Претседателот на месната заедница од Лојане вели дека ги има, но се кријат во шумата, а преку ден се спуштаат во локалните продавници барајќи нешто за јадење...

Селото е попатна станица на голем број илегалци кои пред да ја минат границата се задржуваат тука. Доаѓаат во групи од 10-тина луѓе и тоа во ноќните и рани утрински часови. Претседателот на месната заедница од Лојане вели дека ги има, но се кријат во шумата, а преку ден се спуштаат во локалните продавници барајќи нешто за јадење.
„Да доаѓаат, прашуваат на англиски и бараат да купат храна. Сега за сега не прават проблеми како оние што беа порано. Велат дека се од Сирија , гледаме млади луѓе претежно на возраст од 20-30, а има помлади кои немаат ни 18 години“, изјави Сељами Мемети.
Жителите на Лојане стравуваат дека бегалците ќе донесат разни , зарази и болести, но не сакаат јавно да кометираат пред камера за неканетите гости.
„Не знам , не знам што се случува со нив и од каде доаѓаат.“
„Секој ден минувам по патот Ваксине-Лојане, порано имаше повеќе. Се гледа дека се странци, но сега поретко гледам, ги има но се кријат“, додаваат мештаните.
По полициската акција Решето од минатото лето кога беа уапсени 30-тина лица, прекинато е криењето на странците по куќите во Лојане.
Оваа појава трае неколку години наназад, а најголем дел од илегалците се од земјите од Блискиот Исток, бегајќи од војните и сиромаштијата.
Габриела Димковиќ
