„Рурален лекар“ функционира одлично во прилепско

30.11.2014 16:29

Во прилепскиот регион, со проектот „Рурален лекар“ се покриени 43 населени места. Жителите од овој, од кои најголемиот дел се во поодминати години, се задоволни, но смеаат дека во некои села треба да има постојана амбуланта...

Проектот „Рурален лекар“ функционира одлично во Прилепско. Со него се покриени 43 населени места кои немаат примарна здравствена заштита. Екипата на МРТ реши да помине еден ден со тимот лекари, во најоддалеченото село во Мариово. После еден час возење стигнавме во Витолиште. Жителите веќе чекаа ред пред амбулантата. Тука живеат околу 60-тина луѓе, со просечна старост над 65 години.

„Проектот е супер, задоволни сме од лекарите, мериме најчесто притисок, шеќер, ни препишуваат лекови“, велат жителите на Витолиште.

Пред ова тие скоро една година воопшто немале лекар во нивното село. Задоволни се од проектот, но велат дека најдобро ќе биде да се отвори амбуланта во Витолиште.

„Пример некој ќе се разболи ноќеска, што ќе прави тој, затоа е потрено секојдневна амбуланта да има тука“, велат дел од жителите.

Тимот лекари, секое село го посетувале 2 пати месечно, велат проектот бил од голема помош за оние кои неможе секој ден да дојдат до лекар.

„Се врши мерење на притисок, основни лабораториски испитувања, шеќер, урина, очекува за скоро да правиме и поголеми лабораториски испитувања. Имаме право да пишуваме рецепти за лекови на позитивна листа“, вели Натали Танеска Спиркоска, лекар.

„Ова во многу ги олеснува потребите на пациентите во оние населени места каде што нема здравтсвена заштита. Да напоменам дека во план е вработување на уште еден ваков лекарски тим“, истакна Петар Ристески, директор на Здравствен дом Прилеп.

Овој проект функционира од 1-ви март годинава.

Со проектот „Рурален лекар“ на ниво на Македонија се обезбедува здравствена заштита за околу 360.000 луѓе во рамките на на 309-те отворени пунктови, како и во 538 населени места.

За овој проект се вработени 27 лекари и 24 медицински сестри, а предвидени се и нови вработувања.

 

Дарко Штаргоски