„Каренина made in Macedonia“- шлаг на успешната сезона на Битолскиот театар
Вечерва на сцената на Битолскиот Народен театар ќе се одигра последната премиера за оваа година „Каренина made in Macedonia“. Представата е режирана од Дејан Пројковски, по текст на Венко Андоновски.

По матрицата на Толстоевата Ана Каренина, а текст на Венко Андоновски кој е прв што досега е работен во Битолскиот Народен театар, вечерва е премиерата на македонскиот производ на претставата која за режисерот Дејан Пројковски на некој начин е и македонскиот женски Хамлет.
Претставата е едно подвижно огледало во кое секој од нас може да се види не секогаш од убавата страна. Преку ликот на Каренина посебен акцент се става на младата жена која во себе си ги носи дилемите и прашањата дури и во 21-вит век.
„Каренина е женскиот Хамлет кој што се бори сама со себе, бидејки таа сите прашања и одговори ги бара на две места. Едното е во опшеството а другите се внатре во себе.Тоа е лик што има двојно патување но поголемото е она што го прави во себе, всушност таму лежат одговорите и на најголемиот дел од прашањата“, вели режисерот Дејан Пројковски.
Во ова сурова приказна настапуваат петнаесетина актери на битолскиот ансамбал. Автентичната сцена подготвена од Валентин Светозарев на претставата и дава една бајковитост. Главните ликови велат дека подготовката на оваа премиера била посебен предизвик.
„За мене ликот на Каренина е борба на една силна жена против стегите на опшеството со кој секојдневно се соочуваме. Таа е доволно силна во себе да ги пронајде одговорите и мислам дека е тоа рецептот за секој млад човек“, вели актерката Илина Чоревска.
„Досега не сум играл ваков лик и не би си посакал во реалниот живот да сретнам ваков човек, а тоа не ви го пожелувам ниту вас. Меѓутоа ако некој треба да се види во огледало тоа се луѓето што добиваат власт, а потоа се променуваат“, вели актерот Петар Горко.
Вечерашнава премиера е последна за оваа година. Од Битолскиот Театар сметаат дека таа ќе биде добар шлаг на успешната сезона и годината во која нашата најстара театарска куќа одбележува 70 години постоење.
Стевче Митревски
