Внатрешна контрола на МВР: Откриен нов случај на семеен насилник
Нов случај на семеен насилник во редовите на безбедносните сили. Припадник на алфите си ја претепал сопругата, откри внатрешната контрола на мвр. За една недела 16-мина полицајци на различни начини го нарушиле угледот на полицијата...

Припадник на Алфите ќе плати парична казна затоа што ја истепал сопругата. Полицијата против него поведе дисциплинска постапка, а насилниот полицаец најверојатно и кривично ќе одговара.
Ова е нов случај во кој припадник на безбедносните сили е вмешан во семејно насилство. За среќа без сериозни последици. Претходните два во Кавадарци и Злетово завршија со 6 убиства и едно самоубиство.
Според извештајот на Министерството, за седум дена уште 15-мина припадници на МВР не го почитувале колективниот договор и се соочуваат со казни.
При чешлање на работата Внатрешната контрола утврдила дека поедини колеги не евидентирале пријави од граѓани и не преземале ништо за да се расветлат кривични дела.
Со приватни возила вршеле патроли, доцнеле на работа, а евидентиран е и случај кога вработен на Богородица пуштил странец да ја помине државната граница со фалсификувана лична карта и не го евидентирал во системот.
Анита Димитријевска
