Орото „Копачка“- сведоштво за постоењето на културата и на народот

30.11.2014 17:21

Македонското оро „Копачка“ што автентично го негува истоимената фолклорна група од делчевското село Драмче, е запишано во репрезентативната листа на нематеријалното културно наследство. Комитетот на УНЕСКО составен од 24 земји, на своето последно заседание во Париз донесе одлука орото Копачка да се впише во репрезентативната листа на светското нематеријално културно богатство...

Јакиот звук на тапанот, автентичноста и уникатноста на елементите на копачката, прикажани преку движењата на играорците и едноставноста на носиите од Пијанечкиот крај, се можеби мали нешта. Но, по својот дух и богатство тие се типичен репрезент на нашиот народ кој што живеел на овие простори од памтивек.

Вредноста ја потврди и УНЕСКО. Брзото и темпераментно оро Копачка, како изворно машко соборско оро со трудов карактер, има впечатливи играчки и ритмички целини.  Ја симболизираат обработката на земјата во нашето поднебје, нашата традиција и заедништво на македонскиот народ.

Патот на „Копачка“ до репрезентативната листа на УНЕСКО почна со апликацијата на Република Македонија преку Министерството за култура во 2011 година, заедно со штипскиот обичај „Четрсе“ кој исто така е запишан во листата на нематеријалното културно наследство.

 

Александра Перевска