Ниту Партизан не и можеше ништо на Звезда!
Црвено-белите го контролираа мечот од стартот, иако гостите почнаа со 5:0. Следуваше серија од 11 поени за кошаркарите на Радоњиќ, по што стана јасно кој ќе слави...

Убедлива и сигурна победа на Звезда, во дуелот со Партизан со 76:67. Црвено-белите го контролираа мечот од стартот, иако гостите почнаа со 5:0. Следуваше серија од 11 поени за кошаркарите на Радоњиќ, по што стана јасно кој ќе слави, на првото вечно дерби сезонава. Лидерот останува непоразен по 10 регионални кола, за Партизан ова беше 5-ти пораз.
Иако конечниот резултат и не делува кој знае колку убедливо, сепак тимот на Вујошевиќ беше во негатива и од 22 поена на стартот на последниот период. Партизан постигна 31 поен во последните 10 минути, но имаше само 8 во вториот период.
Кај победникот, кој што куриозитетно постигна по 19 поени во секоја четвртина, се издвоија Лазиќ со 15 и со по 13 поени Џенкинс, Блажиќ и Марјановиќ, кој што имаше и 9 скокови. Мачван беше човек на мечот со 20 поени, 7 скокови и со 3 асистенции, а кај поразената екипа го следеа Тепиќ со 13 и Милутинов со 10 коша.
Во другите денешни мечеви, Цибона славеше против Металац со 93:91 по две продолженија, додека Игокеа убедливо го совлада Левски со 87:54. Во вчерашните средби, МЗТ загуби кај Олимпија, Будуќност победи против Солнок и Задар ја совлада Крка. До крајот на 10-та АБА рунда, остана мечот меѓу Мега и Цедевита, утре од 18 часот.
Води Звезда со 10/0, пред Будуќност со 9/1, па сите други. МЗТ Скопје е на претпоследната, 13-та позиција со 3/7, пред Левски со само една победа сезонава.
