Паника во Италија по смртта на 13 лица од вакцина на „Новартис“

01.12.2014 12:40

Фармацевтската компанија повика да не се создава паника, бидејќи се уште не е потврдено дека смртта кај пациентите настапила поради директно влијание на примената вакцина...

Расте паниката во Италија, откако 13 луѓе починаа по примањето на вакцината против грип „Флуад“ на швајцарската фармацевтска компанија „Новартис“. Сомнителни се два типа кои се продаваат само во Италија и се во употреба речиси десет години.

Фармацевтската компанија повика да не се создава паника, бидејќи се уште не е потврдено дека смртта кај пациентите настапила поради директно влијание на  примената вакцина.

Сепак, додаваат дека досега се забранети две серии од истиот производ, пред сѐ како превентивна мерка.

Веднаш направивме прелиминарна анализа на вакцината, заради безбедност и сигурност на пациентите. Првичните информации го потврдија квалитетот на нашиот производ, велат од компанијата.

Италијанското министерството за здравство соопшти дека двајца од починатите пациенти биле од Сицилија и имале хронични болести кои можеби дополнително ја искомплицирале здравствената состојба.

Европската агенција за лекови треба да излезе со анализа на вакцината, и се очекува до четврток да бидат соопштени резултатите.

Во 2012-тата и во Германија биле повлечени вакцини на „Новартис“ поради сомнителни честички во производите.

Марија Петковска