Коби со нови рекорди за Лејкерси, Мемфис и Голден Стејт за превласт на западот
Кај домашните седуммина имаа двоцифрени поени инспирирани од ноќта за паметење на Коби Брајант, кој го оствари својот 20 “трипл дабл“ во кариерата со 31 поен, 11 скокови и 12 асистенции...

Кошаркарите на ЛА Лејкерс го совладаа Торонто со 129 : 122 дури по продолжението со што ја забележаа само 4 победа годинава. Кај домашните седуммина имаа двоцифрени поени инспирирани од ноќта за паметење на Коби Брајант, кој го оствари својот 20 “трипл дабл“ во кариерата со 31 поен, 11 скокови и 12 асистенции. Со 36 години и 99 дена стана највозрасниот во лигата со над 30 поени 10 скокови и асистенции, истовремено и единствениот во историјата со најмалку 30.000 поени и над 6.000 асистенции. Кај Торонто најдобар беше Кајл Ловри со 29 поени. Најдобриот тим на истокот го претрпе вториот пораз едноподруго, но сеуште е лидер со 13 – 4 во својата конференција.
Мајами славеше во Њујорк со 86 : 79 во меч кој го означи враќањето на двете главни звезди по паузата поради повреди. Двејн Вејд имаше 27 поени и по 5 скокови и асистенции кај тројниот шампион кој има скор од 9 - 7, а Кармело Ентони постигна 31 поен и 8 асистенции кај “Никс“ кои се при дното со 4 - 13.
Шампионот Сан Антонио имаше лесна задача на гостувањето во Бостон, од каде се враќа со убедливи 111 : 89 за нивна 12 победа. Дени Грин беше најзабележителен со 18 поени и 6 освоени топки, а кај домаќинот Џеф Грин постигна 16 поени. Серијата победи ја продолжува лидерскиот тандем на западот, Мемфис во Сакраменто 97 : 85 со 22 поени и 12 скока на Зек Рендолф за учинок од 15 – 2. Голден Стејт ги следи во чекор со својата 14 победа сезонава на гостувањето во Детроит со 104 : 93 предводени од Стивен КАри со 16 поени и 10 асистенции. Портланд дојде до 13 победа со 107 : 93 против Минесота, со уште едно ол стар издание на ЛаМаркус Олдриџ со 26 поени и 15 скокови. Орландо се враќа од Феникс со 93 : 90 во меч во кој Трој Харис постигна 21 поен и 8 скокови, а Чикаго се радуваше во Бруклин со 102 : 84 со 25 поени и 13 скокови на Пау Гасол, со која се меѓу триото најдобри на истокот со 13 победи и 6 порази.
