Рурален развој

Нови 20,7 милиони евра за поддршка на руралниот развој

01.12.2014 15:07

Парафиран договорот за доделување неповратни средства од Европската унија во износ од 15 и пол милиони евра за развој на руралните општини. Од државната каса ќе бидат издвоени уште 5,2 милиона евра...

15,5 милиони евра европски пари од идниот месец им се на располагање на општините. Европската комисија и додели на Mакедонија грант за развој на руралните  општини. Во исто време и од буџетот ќе бидат издвоени уште 5,2 милиони евра, со што фондот е вреден  20,7 милиони евра. Договорот со Светска банка предвидува  руралните општини да добијат по 240.000 евра, а урбаните по 120.000 евра. Проектот треба да обезбеди економски развој на неразвиените рурални средини.

„Со овој проект се поддржува рамномерниот регионален развој и развојот на руралните средини, односно ќе биде насочен кон создавање поквалитетни услови за живот и економски развој на понеразвиените подрачја. Во таа насока проектот се вклопува и во приоритетите на Владата на РМ, како и во приоритетите на Европската агенда за рамномерен регионален развој“, нагласи вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Најголем дел од парите ќе бидат наменети за инвестиции во инфраструктурни проекти, водоснабдување, изградба и реконструкција на локални патишта, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност.

„Многу земјоделци низ земјата одгледуваат култури без да имаат пристап за наводнување. Европската унија во соработка со министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ќе го започнат овој иновативен проект“, истакна евроамбасадорот Аиво Орав.

„Иднината на Македонија ја гледаме како дел од ЕУ и би сакале да придонесеме за остварување на оваа цел, преку сите активности кои ги спроведуваме во земјата“, рече претставникот на Светска банка во Македонија, Беким Имери.

Ќе се подготват и еколошки проекти за наводнување со ниски инвестициски трошоци,  за чија реализиација Македонија ќе добие дополнителни европски пари.

 

Дијана Ценевска