Расте бројот на заболени од СИДА, превенцијата е неопходна

01.12.2014 15:16

Под мотото „Уживај во животот, преземи контрола, стоп СИДА!“ денеска се одбележува светскиот ден на борбата против сидата. Алармира бројот на заболени на годишно ниво. Во фокусот мора да биде превенцијата, велат надлежните...

Расте бројот на заболени од СИДА. За 11 месеци, 39 регистрирани случаи. 80 проценти од евидентираните се на возраст од 20 до 39 години.

„37 се од машки пол, 2 се женски. Во светот се 50-50, во Македонија поради социјални, социолошки и други состојби има многу повеќе инфицирани мажи“, вели прим. д-р Жарко Караџовски, Институт за јавно здравје.

Откако ќе размислат за последиците, вознемирени и исплашени, бараат начини за да си помогнат.

„Лицата кои доаѓаат обично ни велат дека пред два – три дена имале незаштитен сексулален однос и сакаат да го направат ХИВ тетстот“, изјави Тања Станкова, ХЕРА.

Но треба да поминат од три до шест месеци за да го добијат конечниот резултат. Ако е позитивен, тогаш почнува борбата со самиот себе и со сите што не се едуцирани.

Невладините организации се зачудени од односот на медицинските лица кон оние со ХИВ/СИДА.

„Кога знаат како се пренесува, како се превенира, тогаш може да се изврши хируршка интервенција без проблем. Со тоа што луѓето сами кажуваат, јас сум носител на вирусот, па тогаш се пеземаат дополнителни мерки. А што е со луѓето кои имаат вирус а не се испитале, не знаат дека се на пример хив позитивни“, вели Христијан Јанкуловски, Здружение ХОПС- опции за здрав живот.

Отфрлени се и од средината, колегите, семејството. Со најновата терапија тие можат да имаат квалитет живот.

„75 проценти добиваат терапија и ефектите се на задоволително ниво. На соодветни временски интервали се гледаат ефектите од спроведениот третман“, изјави проф. д-р Звонко Миленковиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.

„Луѓето со ХИВ можат да станат родители на здрави деца, што еден од ефектите на терапијата“, нагласува Андреј Сених, Здружение за поддршка на луѓе со ХИВ.

За 27 години во Македонија се регистрирани 236 со ХИВ /СИДА. Најмногу во Скопје 108, Тетово 23, Куманово 14, Прилеп 12. 

 

Наташа Јанчиќ