Економија

Извозот од зоните надмина милијарда евра!

01.12.2014 15:49

Компаниите од слободните зони го зголемуваат производството за да одговорат на побарувачката од странските пазари. За да ги исполнат договорите, ангажираат и нови луѓе. Се прошируваат капацитетите, извозот расте. Заклучно со ноември – надмина милијарда евра...

Фабриките во слободните економски зони работат под полна пареа. Расте побарувачката од странските пазари, компаниите го билдаат извозот. Во ноември веќе надмина милијарда евра.

„Годинава ќе имаме зголемување од 50% на извозот од слободните економски зони, споредено со лани. Она што е најважно, во моментов сме во финални преговори со неколку други компании“, изјави Виктор Мизо, директор на слободните економски зони.

Зголемениот обем на работа повлекува ангажман на нови работници.

„Во моментов во нашата компанија работат 570 луѓе. Од нив, 565 се од Македонија.  Во 2012-та донесовме одлука да се прошириме од нашата првична инвестиција и двојно ги зголемивме нашите капацитети, со што регрутиравме и нови работници. Се надеваме дека бројот на вработени до 2016-та ќе достигне 680 луѓе“, нагласува Џатин Такрар, извршен директор на Џонсон Мети во Македонија.

„Во моментов нашата инвестиција изнесува 25 милиони долари, а во следната година ќе достигне 30 милиони. Вкупниот број вработени сега изнесува 280, а до крајот на наредната година ќе достигне 350“, смета Гуидо Галени, генерален директор на Кемет Балкан.

На терен, италијанската „Текнохозе“ работи на проширување на своите капацитети. Новите погони ќе почнат да работат по Нова година.

„Месецов ќе почнат да пристигнуваат и новите машини. Ќе ја задржиме дејноста, но производството ќе го зголемиме за четири пати, а ќе има дополнителни од 120 до 130 вработувања“, вели Џовани Поповиќ, генерален менаџер на „Витек Македонија“.

Паралелно, на Бунарџик се позиционираат и нови компании.

Наскоро Текнохозе ќе добие уште еден сосед во Бунарџик, бидејќи ќе има  уште една италијанска компанија, Дијатек. Се работи за инвестиција од 10 милиони евра, која ќе донесе 200 вработувања.

Годинава, компаниите од слободните економски зони ќе ја заокружат со вкупно 3.500 вработени, но се очекува во 2015-та овој број значително да се зголеми.

 

Мартин Пушевски