Градежниците од регионот ќе ги освојуваат старите пазари
Во фокусот на регионалните градежни конзорциуми кои ќе се формираат за одделни тендери ќе бидат крупни инфраструктурни проекти кои се финансираат од меѓународни институции во земјите на Блискиот Исток, Либија, Алжир, Ирак, Иран...

Градежни конзорциуми од регионот ќе ги освојуваат старите пазари. Проблемот на мали компании кои не можат да добијат меѓународен тендер и банкарска гаранција ќе се надминува со регионално поврзување на фирми од Македонија, Србија, Хрватска и БиХ, на кои ќе им се приклучат и Словенците. Ќе се надмине и проблемот со немање референци. Носител на понуда на тендер ќе биде онаа фирма која има постигнато најдобри референци во одредена земја.
„На пример во Иран, босанските фирми имаат некој приоритет таму и тие ќе бидат носители на тие градежни активности во таа земја“, вели Марија Петроска, Стопанска комора на Македонија.
Големите градежни фирми со 10 до 12 илјади вработени се веќе минато. Сега само Гранит со 1.600 вработени е една од наголемите компании во регионот. Регионалното поврзување во градежниот сектор е неминовно, доколку сакаме да добиеме некој поголем меѓународен тендер- велат градежниците.
„Идеја за вакво регионално здружување во конзорциум е да настапиме сите со заедничка референца и заедничка банкарска гаранција. Заеднички капацитети во луѓе и во опрема“, објаснува Никола Велковски, претседател на Здружение за градежништво.
Во фокусот на регионалните градежни конзорциуми кои ќе се формираат за одделни тендери ќе бидат крупни инфраструктурни проекти кои се финансираат од меѓународни институции во земјите на Блискиот Исток, Либија, Алжир, Ирак, Иран.
Македонските компании релативно лесно ја минаа кризата и преку владините проекти беа целосно ангажирани, но сега размислуваат и за организирано излегување на странските пазари.
Свето Николовски
