МВР: Апсурдно е софистицирана машина за пасоши да биде сместена во стан и да ја монтира лаик

01.12.2014 16:56

Минитерството за внатршни работи ја отвори вратата од просторијата каде што се изработуваат биометриските документи. Има низа процедури за да се дојде до крајниот производ. Досега немало пријава дека во одредени случаи, па ни на избори, се користела фалсификувана патна исправа...

Строг надзор, пристап само за вработените. Низ оваа безбедносна врата се влегува во специјална просторија која наликува на лабораторија. Работат професионалци, луѓе во бели мантили кои се задолжени за процесот на персонализација на обрасците за изработка на лични документи. Се произведуваат на модерни машини специјализирани за биометриски документи. Врвна технологија, само една од овие машини тежи повеќе од 8 тона.

„Апсурдно е да се претпостави дека една ваква машина може да биде сместена во кој било стан и кој било лаик би можел да ја монтира и да произведува пасоши. Премногу е несериозно да се тврди за постоење на некакви фабрики во кои би се произведувале актуелните македонски патни исправи“, изјави Иво Котевски – помошник министер за односи со јавноста во МВР.

Македонските биометриски патни исправи се меѓу водечките во Европа, со заштитни елементи кои ги поседуваат за надминување на ризиците од потенцијална злоупотреба и фалсификат. Содржат преку 25 елементи на заштита поделени во неколку категории. Се води строго контролирана постапката за вадење на секој  личен документ.

Сите пасоши се изработуваат во оваа просторија на МВР, на овие огромни компјутерски машини. Овде обрасците се строго чувани. Ова е еден бланко образец. Тој поминува во оваа машина низ 6 процедури за да дојде до крајниот производ.

Досега од тука не исчезнал ниту еден оригинален бланко образец.

„Немало ниту еден случај, ниту една пријава од претседателот на ДИК, од кој било член на ДИК или пак од некој избирачки одбор. Немало пријава ниту од некој набљудувач од политички партии, впрочем и СДСМ имаше набљудувачи на секое избирачко место, па ниту од нив нема пријава дека на некое избирачко место била употребена фалсификувана патна исправа“, додава Котевски.

Професионалците кои ги изработуваат пасошите тврдат дека е невозможно некој дома да си направи пасош, што би наликувал на оригиналниот или пак направил образец и си го персонализирал, како би личел или би се употребувал во земјава или странство.

Видеото за наводна фабрика каде се изработуваат патни исправи е навреда не само за луѓето од МВР, туку и за германската компанија партнер во овој процес.

Дневно се изработуваат околу 1.500 патни исправи, 2.000 лични карти или возачки дозволи.

 

Наташа Гркова- Петрушевска