Во време на политички несогласувања, Русија и Турција ја обновуваат економската соработка
После папата, и рускиот претседател Путин е гостин на турскиот колега Ердоган. Доаѓа во придружба на 10 министри и поголема група бизнисмени бидејќи главната цел е продлабочување на економските врски во атмосфера на политички разлики околу Сирија и украина кои двете земји успешно ги избегнуваат...

Претседателите на Русија и на Турција ќе ја обновуваат економската соработка, во време на политички несогласувања. Истовремено и Западот и Москва се обидуваат да ја привлечат оваа земја со клучна позиција на Средоземното Море, на тромеѓето Европа-Русија-Блискиот исток.
На самиот ден на посетата, генералниот секретар на НАТО, Столтенберг ја повика Турција да се приклучи кон западните економски санкции против Русија. Според експертите, Анкара гледа негативно на овие мерки, а Ердоган смета дека со нив нема да се постигне ништо. Сепак се противи на руската анексија на Крим каде што мнозинското население се Татари. Москва, пак, останува клучен сојузник на сирискиот претседател Асад, додека Ердоган притиска за негово симнување од власт.
„Се разбира дека можеме да имаме различни ставови по некои прашања. Нормално е владите да имаат независна надворешна политика“, соопшти Министерството за надворешни во Анкара, навестувајќи дека турската политика е отворена за нови хоризонти.
Политичката ситуација им наштети на двете земји, кои изгубија голем дел од извозот. На пример, Турција се соочува со опасноста да ги изгуби руските туристи, додека истовремено има шанса да го пренасочи својот извоз кој трпи штета поради војните на Блискиот исток.
Двете земји веќе размислуваат во меѓусебната трговија да го заменат американскиот долар со рубљата и со лирата. Главната задача, пак, на Советот за соработка на високо ниво, ќе биде до 2020 да ја зголеми актуелната размена од 33 на 100 милијарди долари, со што двете земји ќе си станат врвни економски партнери. Исто така, Руски Росатом ја гради првата турска нуклеарна централа која треба да почне со работа за околу 10 години.
Западот и Русија со големо внимание ги следат потезите на Ердоган, кој се почесто дава антизападни изјави. Според експертите, како членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија, Москва е свесна дека Турција му припаѓа на Западот, но се обидува колку што може повеќе да ја привлече на своја страна, како две земји кои често се наоѓаат на светските жаришта.
Ивана Салтировска
