Рекордно ниски цени на горивата - надолниот тренд ќе се задржи!
Од полноќ поевтинуваат за два денара. Пониските цени ќе им ги намалат трошоците на транспортерите. Регулаторите очекуваат надолниот тренд да се задржи. Само во ноември цените на горивата се намалиле за 10%...

Одлична вест за возачите. Од полноќ ќе возат по уште пониски цени. Горивата поевтинуваат за два денара. Дизелот на рекордно ниско ниво. Раце тријат и транспортерите. Ќе им се намалат трошоците.
„Транспортерите ќе имаат подобра заработувачка, а и цените на производите ќе бидат намалени. Имаат интерес и транапортерите и купувачите на производите“, вели транспортерот Благоја Воинов.
Бизнис заедницата очекува бенефит од црното злато да почувствуваат фирмите кои работат со нафта.
„Таму кадешто горивата учествуваат со повисок процент и се носечки енергенс, можеби постои можност да има одредено намалување на цените“, вели Митко Алексов, извршен директор на ССК.
Надолниот тренд на цената на црното злато трае подолг период. Само изминативе месец дена падна за над 10%. Во последните две години, цената на бензините се намалила во просек за 20 денари.
Како причина за намалување на цените на нафтените деривати од регулаторна ги посочуваат за 5,95 отсто пониската просечна цена на сурова нафта во изминатите 14 дена.
Регулаторите очекуваат ваквите цени да се задржат и наредната година.
„Овој тренд на пад ќе биде и во 2015 година. Тоа ќе биде година кога нивото на суровата нафта на ова слично ниво кое ние сега го земаме за пресметка“, објаснува Јулијана Димовска Исајловска.
Регулаторната комисија за енергетика на Македонија прави корекција на цената на горивата на секои две недели. Клучни при одредување на новата цена се два фактора- цената на суровата нафта на светските берзи и курсот на денарот во однос на доларот.
Сунчица Николовска
