Возачот и докторката повредени, возилото искршено околу полноќ

Дваесет минути пред полноќ група млади лица нападнала екипа на Брза помош во скопската населба Кисела Вода. Возилото се паркирало за да интервенира на повик за лице во алкохолизирана состојба и притоа возачот бил нападнат без причина и му биле нанесени тешки телесни повреди. Најмногу му настрадала подлактицата , со којашто се бранал од разулавената толпа агресивни момчиња. Опериран е на хируршките клиники во Ургентниот центар. Надвор е од животна опасност, но има амнезијата од претрпен шок. Докторката поминала со полесни повреди на коленото при падот од возилото и е на домашно лекување по претрпен стрес. Според директорката на Здравствен дом Скопје- Татјана Баевска- Вучковиќ вакво нешто не се случило во последниве години, зашто наместо да спасува други, екипата самата си помагала во моментот на нападот кој се случил ненадејно. Сами се вратиле во базата на Итна медицинска помош. За пијаниот пациент е пратено возило со друга екипа којашто го транспортирала на Токсикологија. Полицијата работи на утврдување на идентитетот на насилниците и на причините за ваквиот апсурден инцидент.
Соња Стојановска
