Роналдо, Меси и Нојер по Златната топка
ФИФА денеска ја објави скратената листа кандидати за престижното признание, откако првичната имаше 23 истакнати фудналери...

Ако некој воопшто и имаше дилеми, веќе ги нема. Кристијано Роналдо, Лионел Меси и Мануел Нојер. Тоа е триото фудбалери од коишто на почетокот на наредната година ќе биде избран освојувачот на Златната топка на ФИФА, како најдобар играч за календарската 2014. ФИФА денеска ја објави скратената листа кандидати за престижното признание, откако првичната имаше 23 истакнати фудналери.
Кристијано Роналдо, којшто во конкуренција на Рибери и на Меси лани ја освои Златната топка за 2013, беше стрелец на 51 погодок за Реал Мадрид во натпреварувачката 2013/2014. Рекордни 17 од нив постигна на патот на кралскиот клуб до десетта европска клупска титула, а игра во фантастична голгетерска форма и во есенската полуетапа од новата фудбалска сезона, особено во шпанската Примера.
Суперѕвездата на Барселона Лионел Меси е четирикратен лауреат во периодот од 2009 до 2012, а оваа календарска година урна два многу значајни рекорда – најдобар стрелец во историјата во Лигата на шампионите и во шпанската Ла Лига. Со Аргентина беше финалист на Мундијалот во Бразил, а според многумина незаслужено ја доби и наградата за најдобар играч на шампионатот.
Чуварот на мрежата на Баерн Мануел Нојер, пак, е прв голман по Оливер Кан во 2002, којшто влегува во потесниот круг кандидати за признанието. Тој имаше значителен придонес во светската круна на Германија, како и во освојувањето на новата шампионска титула на неговиот клуб во Бундеслигата.
На скратената листа кандидати за наградата најдобар тренер се најдоа предводникот на Реал Карло Анчелоти, германскиот селектор Јоаким Лев и шефот на Атлетико Мадрид Диего Симеоне, додека во конкуренција за најдобра фудбалерка ќе бидат Германката Надин Кеслер, Бразилката Марта и Американката Аби Вамбах.
Гала-свеченоста на којашто ќе бидат прогласени лауреатите за 2014 ќе биде одржана на 12 јануари.
