Хилари Клинтон и Џеб Буш најсериозни кандидати за наследници на Обама
Претседателските избори во Соединетите Американски Држави ќе се одржат во ноември 2016-та година, но веќе се познати најсериозните кандидати на Демократската и Републиканската партија. Дали Америка ќе добие прва жена за претседател или повторно ќе има претседател од семејството Буш, попознато ќе биде на почетокот на идната година кога најмногу спомнуваните кандидати ќе се изјаснат дали ќе се кандидираат...

Хилари Клинтон е најсериозниот претседателски кандидат на Демократската партија. Поранешниот сенатор и државен секретар, сопруга на поранешниот претседател Бил Клинтон, можеби ќе стане и прва жена претседател на Соединетите Американски Држави. Сепак, Хилари Клинтон која неодамна стана и баба, се уште официјално не се изјаснила дали ќе се кандидира. Хилари е критикувана од Републиканците поради справувањето со нападот врз американскиот конзулат во Бенгази, Либија во кој загинаа американскиот амбасадор и тројца Американци. Сенаторката од Масачусетс, Елизабет Ворнер и американскиот потпретседател, Џо Бајден можеби ќе бидат противкандидати на Хилари Клинтон на изборите за номинација во Демократската партија.
„Мислам дека Хилари Клинтон ќе биде кандидат ако сака. Ова од една страна е непривлечно, но од друга страна, привлечно е што таа ќе ја освои номинацијата, се разбира покрај другите конкуренти. Мартин О’Мајли ќе се кандидира, сигурно и други, но никој од нив не е сериозна закана за Хилари“, смета Томас Ман, експерт на Институтот Брукинс.
Кај Републиканците се спомнуваат повеќе кандидати. Џеб Буш, поранешниот гувернер на Флорида, брат на Џорџ Буш и син на Џон Буш Сениор, двајца американски претседатели е со најмногу шанси, заедно со гувернерот на Њу Џерси, Крис Кристи, сенаторот Марко Рубио и можеби повторно ќе се кандидира и претседателскиот кандидат од минатите избори Мит Ромни.
„Не знаеме дали Џеб Буш ќе се кандидира, но би бил силен кандидат. Има конзервативни сенатори кои што ќе се кандидираат, како и други Републиканци, па засега е неизвесно кој ќе биде кандидат од Републиканската партија“, вели Џон Фортиер, експерт од Бипартисан Полиси центар.
„Сенаторот Ренд Пол, можеби нема да биде номиниран, но ќе се вклучи во трката за кандидат. Мислам дека ќе се кандидира Мит Ромни или Џеб Буш. Мислам на Мит Ромни, бидејќи Републиканците обично избираат кандидат од членовите што се најдолго во партијата“, изјави Џон Зогби, аналитичка агенција Полстер-Зогби.
Џеб Буш и Крис Кристи најавија дека ќе се изјаснат дали ќе се кандидираат за американски претседател на почетокот на 2015-та. Тогаш се очекува одлука да донесе и Хилари Клинтон.
Претседателските кандидати на Републиканската и Демократската партија ќе бидат познати до крајот од идната година, кога ќе започне и изборната кампања за претседателските избори во 2016-та.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
