Насилни протести во Мексико- демонстрантите бараат оставка од претседателот

02.12.2014 10:50

Лошата сигурносна состојба е главен адут на демонстрантите кои ги окупираа улиците. Протестите се случуваат во момент кога актуелниот претседател бележи најмала популарност во својот двегодишен мандат...

Илјадници демонстранти низ цело Мексико бараат оставка од претседателот Енрике Пена Нието поради исчезнувањето на 43-цата студенти во државата Гереро и владините политики. Демонстрациите мирно ги почнаа родителите на исчезнатите студенти. На топлата родители и роднини им се приклучија незадоволни граѓани со црни знамиња кои бараа оставка од претседателот, давајќи им поддршка на родителите на исчезнатите со пораката „Вие не сте сами“.

„Повеќе од два месеца не знаеме ништо за нашите деца. Не знаеме што се случи со нив“, вели татко на исчезнат студент.

Лошата сигурносна состојба е главен адут на демонстрантите кои ги окупираа улиците. Протестите се случуваат во момент кога актуелниот претседател бележи најмала популарност во својот двегодишен мандат.

„Земјата е во тешка ситуација, минуваме низ криза. Со овие протести се докажува  незадоволството на луѓето од системот и од владата. Нема работа, нема перспектива, нема  образование, а без перспектива нема ни  безбедност“, тврди еден демонстрант.

Во текот на ноќта во Мексико Сити маскирани демонстранти вооружени со палки и молотови коктели вандализираа објекти. Протести се одржаа и во Гереро каде што наркобандата призна дека ги убила студентите. Група луѓе упадна во просториите на државниот обвинител, а беа запалени и пет возила, од кои две полициски. Медицинските екипи регистрираа голем број повредени. Полицијата се судри до разгневената толпа. Локалните медиуми јавуваат за уапсени. Во Северно Мексико во протестите предводени од синдикатот на учителите е блокирана државната нафтена рафинерија.

„Нема од што да се плашиме, ние сме мирни, ние сме човечки суштетсва“, велат луѓето што протестираат.

Овој случај го сврте вниманието на проблемите на Мексико со корупцијата и неказнувањето во борбата против дрогата во која се убиени или исчезнати над сто илјади луѓе од 2006-тата година.

Енрике Пења Нието вети дека ќе воведе уставни реформи за да се поедностави безредието во полицијата но без значајни резултати.

Маријана Димовска