Сент Мориц - швајцарски луксуз

02.12.2014 11:24

Ова е едно од најдобрите места на светот за љубителите на зимските спортови. И швајцарскиот Национален парк, што се наоѓа во долината Енгадин е меѓу најдобрите во земјата за пешачење и планинарење...

Сент Мориц, снежниот град во источна Швајцарија, се наоѓа на врвот од листата на зимски центри и тоа со добра причина. Иако важи за едно од поскапите скијалишта и е омилена дестинација на богатите и славните, може да се каже дека квалитетот на услугите е соодветен со цените во ова скијалиште.
 
Во понудата се наоѓаат многу активности и раскошното швајцарско гостопримство. Оваа непобедлива комбинација, која туристите ја откриле уште во 1864 година, поседува 400 километри расположливи скијачки патеки заедно со Олимписката ски-патека. Ова е едно од најдобрите места на светот за љубителите на зимските спортови. И швајцарскиот Национален парк, што се наоѓа во долината Енгадин е меѓу најдобрите во земјата за пешачење и планинарење.
 
Системот на швајцарското патување ги опфаќа возовите, автобусите, бродовите, траектите и другите средства. Сите тие се поврзани, одлично организирани и многу точни како што можеше и да се претпостави. Во Сент Мориц слободно можете да заборавите на автомобилите.
 
Љубителите на велосипедизмот во одредени хотели  можат да изнајмат велосипед, бидејќи е голема штета да не уживате во долгата патека за велосипеди, што минува покрај преубавите предели во кои ќе уживате. Сент Мориц има и одлижни штали, а јавањето низ алпските предели е единствено доживување.
 
Со дури 25 езера што овде се наоѓаат се нудат доволно можности и за едрење. Силваплана, во близина на Сент Мориц е центар за едрења на даска во долината Енгадин.
 
Ова скијалиште најдобро е да се посети во лето и во зима, но кога и да свратите нема да зажалите. Летото е време за спорт на отворено, пешачење, велосипедизам, планинарење, едрење и уште многу нешта, додека во зима зимските спортови се незаменливи. Во пролет и во есен овде е тивко бидејќи тогаш има најмалку туристи, иако уште многу нешта може да се направат во Сент Мориц во текот на овие месеци. Има многу концерти, култура и повеќе забавни настани.
 
Интересно за ова скијалиште е тоа што овде валутата е швајцарскиот франк, и иако на многу места можете да плаќате во евра, кусурот секогаш ќе Ви биде вратен во франци.
 
Ако сакате луксузно сместување, палатите на Сплендид, со сиот можен комфор, објекти и врвна  швајцарска услуга, се достапни по цена од 250 до 600 евра, додека поевтините хотели се движат од 150 до 250 евра. Помалку луксузното сместување, што дише со автентичната Швајцарија може да се најде за само 35 евра по лице.