„Јапоне“- нова инвестиција во велешката зона Каласлари

02.12.2014 13:06

Фабриката „Јапоне“ е новиот странски инвеститор кој ќе гради во зоната Каласлари кај Велес. По Маркрарт, ова е втор голем инвеститор кој ќе произведува ортопедски помагала. Стартот на изградбата ја најави за на пролет...

Додека Маркарт  ја гради фабриката во индустриската зона Каласлари, сопствениците на останатите парцели  привршуваат  со подготовка на документацијата за плаќање на комуналните такси за градба. Она што веќе со сигурност се знае, дека во оваа индустриска зона на Маркарт друштво ќе му прави уште еден странски инвеститор.

„Тое е германски инвеститор на ортопедски помагала „Јапоне“. Изградбата ќе започне напролет, во меѓувреме да се завршат подготовките околу плацот што е обврска на сопственикот“, изјави Славчо Чадиев, градоначалник на општина Велес.

Во процесот на градба, германскиот инвеститор се очекува да ги користи ресурсите на велешките градежни компании.

„Има најава дека сопственикот - инвеститор преговара со градежни фирми и се очекува напролет да започне со интензивна градба“, додава Чадиев.

За експертите, последните случувања во индустриската зона Каласлари, но и најавата дека има заитересирани странски компании за влез во индустриската зона Мамутчево, се добра основа за сигурен локален економски развој.

„Велес ќе биде сведок на голем број на настани од овој тип во наредниот период или конкретно на вработување на нови лица во нови инвестиции“, смета д-р Игор Андреев, експерт за локален економски развој.

Според  податоците на Агенцијата за вработување во Велес активно работа бараат  3.600 лица. Бројот на пасивни невработени лица е за илјада повеќе. 

 

Дијана Иванова