Богата празнична програма на МОБ и Македонската филхармонија
И Новогодишниот и Божиќниот концерт ќе бидат пренесувани во живо на Македонската телевизија...

Од 1-ви јануари,традиција ќе бидат празничните богати концертни изданија на Македонската филхармонија и Македонската опера и балет. На сцената на новиот Народен театар ќе се изведуваат фрагменти од најпознатите оперети на Штраус, Лехар, Калман, како и делата на светските автори компонирани во ритамот на прекрасните валцери и полки.
„Ќе настапуваат оперските солисти Катарина Бертучи од Австрија, Сања Керкез од Србија и нашите солисти, Благица Поп Томова и Ѓорги Цуцковски, како и балетските солисти, хорот, балетскиот ансамбл и оркестарот на МОБ под диригентската палка на маестро Ѓорѓе Павловиќ од Србија“, изјави директорот на МОБ, Дејан Прошев.
Македонската филхармонија секој 7-ми јануари ветува вистинско уживање за љубителите на класичната музика во прексрасните звуци на Божиќниот концерт.
„По Божиќната летургија, граѓаните ќе дојдат уште малку да празнуваат со музика на нашиот концерт, и секако потоа да продолжат да го празнуваат Божиќ и во кругот на своето семејство“, нагласи директорката на Македонската филхармонија, Маја Чаначевиќ.
За новогодишните празници, и децата ке се радуваат. Новогодишен концерт за нив Македонската филхармонија ќе одржи на 21-ви декември, а на 24-ти во Македонскиот Народен театар – атрактивен празничен концерт „Ѕвездена прашина“ на кој ќе бидат изведени познати вокално инструментални џез композиции.
„Сигурна сум дека овие два настани ќе бидат вистинско уживање за сите љубители на класичната музика и дека несомнено на овој начин ќе се збогати културната понуда за нашите граѓани, за време на новогодишните и божиќните празници“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.
И Новогодишниот и Божиќниот концерт ќе бидат пренесувани во живо на Македонската телевизија.
Александра Перевска