Најдоброто од светот на анимацијата на „Анимакс Скоје Фест“ од 4-ти до 6-ти декември

02.12.2014 14:03

Во трите фестивалски денови ќе бидат прикажани 52 филмови и тоа 44 за возрасни и осум анимации за деца...

Македонската публика ќе има единствена можност да ги проследи најдобрите и најнови филмови од светот на анимацијата на четвртиот Меѓународен фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“ што ќе се одржува од 4ти до 6ти декември во Кинотека на Македонија. Организаторите најавуваат богата програма и работилници за деца и возрасни преку кои учесниците одблизу ќе се запознаат со анимацијата и уметноста на создавање на овој жанр.
 
Во трите фестивалски денови ќе бидат прикажани 52 филмови и тоа 44 за возрасни и осум анимации за деца. Поголем дел од нив се носители на престижни награди и победници на филмски фестивали од А категорија. И годинава ќе бидат доделени награди за кои ќе одлучува интернационално жири.
 
„Филмот „The Wait Of May“ (Чекајќи го мај) на бардот на италијанската анимација Симоне Маси, кој е многу наградуван и автор на постерот за овогодишното издание на Venice Film Fest, ќе го отвори четвртото издание на „Анимакс Скопје Фест“. Секоја вечер ќе имаме по 100 минути анимација која ќе ги задоволи различните вкусови на филмофилите на фестивалот. Оваа година имаме еден македонски претставник, Иван Ивановски со филмот „Конзо“ што ќе биде прикажан првата фестивалска вечер. Втората вечер ќе ја отвори францускиот „Kiki of Montparnasse“ (Кики од Монтпарнас ), а третата италијанскиот „Beauty“ (Убавина)“. Интересно е да се спомене дека дел од програмата во петок,5ти декември, е и „Man On The Chair“ (Човек на столчето), овогодишен победник на Интернационалниот фестивал за анимиран филм „Annecy“ во Франција“, изјави на прес-конференција директорот на Фестивалот, Кузман Кузмановски.
 
Оваа година мото на фестивалот е „Ако сите светат, ти блескај“. Се пријавија рекордни 326 анимации од 52 земји во светот, а во официјалната програма ќе бидат прикажани 44 филмови за возрасни и осум филмови за деца.