Економија

Во 2015-та ќе продолжи силната поддршка за стопанството

02.12.2014 16:06

Креаторите на политиките, банкари, бизнисмени, осигурителни компании по 12-ти пат на ФИНЕКСПО. Сите со слични очекувања за 2015-та година – динамизирање на економската активност, кредити за компаниите, отворање нови работни места, стабилен финансиски систем. Стопанствениците побара поддршка за младите бизниси...

Капиталните инвестиции и во 2015-та ќе ја стимулираат македонската економија. Властите очекуваат растот на БДП да се движи околу 4 проценти, индустријата да продолжи на генерира позитивни резултати, а компаниите да имаат пристап да кредити кои ќе ја подобрат нивната ликвидност.  

„Во Буџетот се предвидени средства за капитални инвестиции и ќе продолжи поддршката со пари од ЕИБ. Сега ја користиме последната транша од 100 милиони евра и од неа 20 милиони веќе се искористени. Стотици македонски фирми добија пари за обртни средства или за инвестиции и креираа нови работни места“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Стопанствениците побараа банките да го стимулираат претприемништвото и да ги поддржат бизнисите коишто се во својот зародиш. Државниот фонд за иновации ќе помогне,  но потребно е и банкарите да го одврзат ќесето.

„Кај ниту една од банките во Македонија не постои продукт со којшто би им се дал еден импулс на стартат бизнисите“, вели Данела Арсовска, претседател на ССК.

Кредитирањето расте со стапка од речиси 10 проценти, а каматните стапки се на историски најниско ниво. Ова според банкарите се показатели кои укажуваат дека стопанството може и во иднина да смета на финансиска поддршка. 

„Бизнисот има проблеми со ликвидноста, но после подолг период, ликвидноста на комапниите расте побрзо од ликвидноста на населението“, рече Глигор Бишев, банкар.

Корпоративните кредити во најголем дел завршуваат кај големите компании. Потребна е поголема поддршка за малите фирми– порача гувернерот Богов. Народната банка очекува во 2015-та да се задржат позитивните трендови.

„Имавме добра година, растот се прошири во повеќе сектори и очекуваме овој тренд да продолжи. Не гледаме ризици за нарушување на рамнотежите во економијата“, изјави Димитар Богов, гувернер на НБРМ.

Со добри резултати од работењето и со позитивни очекувања за 2015-та се и осигурителните компании, кои, исто така, побараа потесна соработка со банките во врска со продуктите кои ги нудат.   

 

Мартин Пушевски