Поинтензивна соработка со Виетнам, економијата во преден план!

02.12.2014 16:23

20 години односите меѓу Македонија и Виетнам се карактеризираат со пријателство, почитување, заемна доверба, но недостига конкретна содржина особено во сферата на економската соработка, за чиј развој двете земји во иднина треба да создадат предуслови, оценија македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов и потпретседателката на Виетнам, Нгујен Ти Зоан која е во посета на земјава...

Потврда за пријателските односи според претседателот Иванов  е фактот што Виетнам го користи нашето уставно име и на билатерален и на меѓународен план. Шефот на државата  информира дека со Ти Зоан се договориле во наредниот период со заемен ангажман да се надомести пропуштеното, да се интензивира политичкиот дијалог и да почне да се гради правната рамка.

„Денеска правиме значаен чекор во таа насока, со потпишувањето на Договорот за економска соработка меѓу владите на двете земји. Очекувам во наредниот период интензивирање на контактите и максимална посветеност на искористувањето на сите можности за зајакната економска соработка како прв приоритет во нашите односи“, нагласи претседателот Иванов.

И заменик-претседателката на Виетнам се согласува дека е потребен ангажман за развој на односите во иднина.

„Двете земји треба да ја унапредат соработката во економијата, образованието, културата, туризмот, со цел ефикасно спроведување на потпишаните документи во областа на трговијата и инвестициите. Сметам дека треба  да се создадат подобри услови за бизнисмените и инвеститорите“, рече потпретседателката Ти Зоан.

Ти Зоан беше примена од претседателот на Владата  Груевски. Разговарале за интензивирање на економската соработка за која, како што соопштија од Владата, ќе придонесе и потпишаниот договор за економска соработка.  Заменик-претседателката на Виетнам се сретна и со  спикерот Велјаноски.

Оваа е прва прва посета на Македонија на висок претставник од оваа азиска држава. Виетнам е земја во развој со една од најбрзо растечките економии во светот со перспектива до 2020 да се стекне со статус на развиена држава. 

Во 2013-та бележи зголемување на извозот на 128,9 милијарди долари, а увозот изнесувал 121,4 милијарди долари. Стапката на невработеност е 1,3 насто, а стапката на инфлација 6,8. Фирми од Виетнам инвестирале во над 60 земји во светот.

 

Лидија Чакар