До крајот на годинава болниците ќе можат да аплицираат за акредитација

02.12.2014 16:49

Фондот за здравствено осигурување потпиша Меморандум за соработка со Агенцијата за акредитација. Целта е пациентите да добиваат поквалитетни здравствени услуги...

Стандардизирана услуга 24 часа во секоја болница, безбедност на пациентите и квалитетна здравствена заштита  - на ова со Меморандум се обврзаа фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за квалитет и акредитација. Покрај редовните контроли во болниците ќе се врши и проверка за нивната подготвеност за акредитација.

„Ќе проверуваме дали болницата има план за унапредување на квалитетот на работењето на болницата што е нејзина годишна обврска, дали има план за лекување и дали постои контролна листа во историјата на пациентот која содржи минимум податоци препорачани од СЗО“, изјави Маја Парнарџиева Змејкова, директорка на ФЗОМ.

Дали болниците ќе добијат акредитација на една, три или пет години ќе оценуваат надворешни независни  експерти зависно од нивото на исполнетост на стандардите

„Не само проверка тие се должни тоа да го водат и во пишана форма. Заради тоа и процесот на припрема трае долго бидејќи се треба да биде регулирано преку процедури и пишани постапки. Акредитацијата во Република Македонија е задолжителна и тоа е нешто најпозитивно не само во регионот туку и во Европа“, рече проф. д-р Елизабета Зисова- директорка на Агенција за квалитет и акредитација.

Болниците кои ќе бидат акредитирани на најдолг рок ќе бидат финансиски стимулирани од фондот. До крајот на годинава здравствените установи ќе треба да ги достават апликациите за акредитација.

 

Андријана Атанасовска