Жените- претприемнички стануваат побројни

02.12.2014 17:01

Зошто да се биде и претприемач, а не само мајка и сопруга?! Поради независноста, самостојноста, но и сигурната егзистенција- беа дел од одговорите...

Валентина Дисовска е сопственичка на компанија за компјутерски програми. Таа е една од 260-те жени претприемнички во Сојузот на стопански комори. Својот бизнис го започнала во  2000-та и со својата компанија, се вбројува меѓу најуспешните жени во претприемништвото во Македонија. Вели работата и претставува предизвик, а афирмирањето за започнување бизнис кај жените треба да се стимулира.

„Она со што се соочуваме се стереотипите во почетоците за водење бизнис. Ние имаме проблем со позиционирање на жените во старт- ап компаниите, поради тоа што жените во принцип немаат нешто во своја сопственост за да започнат нешто. Станува збор за менталитетот и традицијата“, вели Валентина Дисовска, сопственик на приватен бизнис.

Зошто да се биде и претприемач, а не само мајка и сопруга?! Поради независноста, самостојноста, но и сигурната егзистенција- беа дел од одговорите.

„Од година во година се зголемува бројот на успешни жени- менаџери кои ги разбираат условите на пазарот, ја внесуваат својата креативност и промовираат нови општествено- одговорни концепти во водењето на бизнисот“, смета пратеничката Даниела Рангелова.

Статистички, жените најчесто се сопственички на книговодствени бироа и фризерски салони. Но, и во останатите дејности е можен успех.

„Голем дел од нив се плашат од неуспех, или се несигурни. Можам да ги уверам дека ако земеме процентуално, кај жените е поголем процентот да успеат во работата“, вели заменик министерот за економија, Христијан Делев.

Старт ап бизнисите на жените веќе 3 години се субвенционираат, но потребно е изнаоѓање на нови програми за нивно вклучување во претприемништвото.

 

Лука Андреев