Саемите за вработување ја остваруваат својата цел

02.12.2014 17:08

Новиот начин на комуникација придонесе компаниите да се вклучат во регрутација на талентирани кадри и заедно со невработените на едно место да се запознаат со понудата и побарувачката на пазарот на трудот...

Над 70 компании од различна дејност ќе се претстават пред битолчани. Продолжува карванот на саеми за вработување. В четврток невработените од овој регион ќе имаат шанса полесно да дојдат до посакуваното работно место.

„Ќе биде добра можност да ги разменат своите видувања и идеи, работодавачите да ги претстават профилите на работен кадар којшто им е потребен  за ангажирање во работен однос, а лицата кои бараат работа да увидат дали со своето образование и вештини можат да влезат во рамки на  бараниот профил на работен кадар“, изјави денеска портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

Новиот начин на комуникација придонесе компаниите да се вклучат во регрутација на талентирани кадри и заедно со невработените на едно место да се запознаат со понудата и побарувачката на пазарот на трудот.

Според обработените податоци на Агенцијата за вработување, 160 лица веќе нашле работа благодарение на карванот во Скопје, Штип и Неготино. Досега се поднесени над 9.500 апликации за вработување, а работодавци најавиле дека ќе остварат интервјуа со околу 2.500 лица.

До крајот на годината ќе биде одржан Саем за вработување и во Куманово.

 

Сунчица Николовска