Временски непогоди низ Европа

02.12.2014 17:23

Во централниот дел паѓа змрзнат дожд кој ја парализира Чешка. Шпанија се соочува со поплави по обилните дождови. Училиштата се затворени...

Замрзнат дожд ги претвори во кристал улиците во Чешка. Железничкиот сообраќај е во целосен колапс, се замрзнаа шините и контактната мрежа на трамваите. Непроодна е и една од главните линии што ја поврзува Прага со истокот на земјата. Во главниот град се расчистуваат улиците од неподвижните трамваи за да се пропушти другиот сообраќај. Некои патници ја поминале цела ноќ во возовите.

„Времето не изгледа добро. Може да очекуваме да се влоши уште повеќе пред да стане подобро. Моравме да ги отстрануваме заглавените трамваи за да обезбедиме алтернативен транспорт“, изјави Адријана Крначова, градоначалник на Прага.

„Шините се непроодни. Рекоа да се движиме полека. Шест часа возевме 4 километри. Ужас“, вели еден патник.

Замрзнатиот дожд создаде апстрактни зимски фигури и во Австрија. Училиштата се затворени поради опасните патишта, на граѓаните им е советувано да не излегуваат од дома, особено близу до дрвјата кои се кршат под товарот на мразот.

На југ, во Шпанија, по интензивниот дожд реките ги пробија коритата. Во Каталонија се удави планинар, а во Гирона водата однесе делови од патиштата.

„Внука ми за малку ќе се удавеше во колата. Ја извлекоа низ прозорецот“, вели жителка на Шпанија.

По големи напори, беше воспоставен железничкиот сообраќај во Барселона. Невремето се спушти од Франција, каде што викендот однесе 4 животи и предизвика големи евакуации и материјална штета.

 

Ивана Салтировска