Почна процедурата за одземање на мандатите
На пратениците во оставка да им се одземат мандатите – ова е заклучокот од надлежната комисија што ќе биде предложен на усвојување во парламентот. Тие не го оправдале своето отсуство од работа во последните шест месеци. Заев вели дека одлуката ќе ја почитуваат и остануваат на петте барања...

Направен е првиот чекор во одземањето на опозициските пратенички мандати. Матичното Собраниско тело ја донесе предлог одлуката. Во расправата и гласањето учествуваа членовите од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Имер Алиу од ДПА беше присутен само на стартот на седницата.
Дискусијата на претседателот на Комисијата, Николовски, фокусирана стриктно на одредбите во Уставот и деловникот со кои се утврдени ситуациите поради кои може да се одземе мандатот добиен од граѓаните.
„Во периодот од 10-ти мај до 10-ти ноември 2014-та година, во којшто вкупно се одржани 40 седници на Собранието, 31 пратеник не присуствувале на седниците на Собранието, не го известиле претседателот дека се спречени да учествуаат на седниците, поради што констатирам дека неоправдано отсуствувале од работата на Собранието повеќе од шест месеци“, рече претседателот на Комисијата за мандатни и имунитетни прашања, Александар Николовски.
Интегративците ја повикаа СДСМ уште еднаш да размисли за одлуката. Мандатите добиени од граѓаните ве обврзуваат, рече Груби, да ги браните нивните интереси во законодавниот дом.
„Верувам дека одлуката и осудата за овој нивен акт ќе ја добијат од самите граѓани на следните избори, кога и да се случат тие“, рече пратеникот Артан Груби.
На политички пораки од ДУИ возвратија од прес центарот на СДСМ: Навистина е штета за пратеникот од ДУИ, Артан Груби, што заврши конкурсот за директор на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Со ставовите и размислувањата што ги презентира Груби во јавноста, тој би бил одличен потенцијал за оваа позиција во ВМРО-ДПМНЕ.
Премислување за поднесените оставки нема- нашата позиција е веќе позната- изјави првиот човек на СДСМ.
„Ние буквално од 10-ти мај молиме да бидат одземени мандатите на пратениците. Поднесовме и оставки. Апсолутно нашите ставови се јасни. Останува на парламентарното мнозинство да ја донесе одлуката. Каква и да е одлуката, секако ние ќе ја почитуваме“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Според информациите на МРТ, најверојатно на крајот на декември во пленарната сала поединечно ќе се гласа за одземањето на мандатот на секој од пратениците од опозицијата.
За тоа се потребни 82 гласа. По ова би требало да стартува процедурата за распишување на парцијални избори.
Виолета Димовска
