Од четврток тетовските гимназијалци продолжуваат со настава на друга локација
Тетовските гимназијалци од македонските паралелки од четврток се враќаат на настава. Советот на родители, директорот и градоначалничката Aрифи најдоа нова привремена локација за да продолжат да одат на училиште. Бојкотот на наставата траеше неколку дена, откако во петокот нивниот соученик беше нападнат и доби три убодни рани во дворот на училиштето...

Вратата на бараката во која учат гимназијалците македонци остана заклучена. Бојкотот на наставата продолжи и денеска.
По инцидентот во петокот со нападот врз нивниот соученик кој доби три убодни рани, побараа подобри услови за следење на наставата, изградба на ново училиште, зголемување на безбедноста.
За овие барања родителите и раководството на гимназијата попладнево разговараа со градоначалникот Теута Арифи. Договорија наставата да продолжи од четврток, но не како до сега во бараката, туку на нова локација што дополнително ќе биде утврдена.
„Гледаме да го подобриме нивото на безбедноста, не само во однос на финансии, туку и во однос на поквалитетно присуство на институциите кои треба да ја гарантираат безбедноста на граѓаните“, изјави Теута Арифи, градоначалник на општина Тетово.
„Со привременото решение имаме и опции за да се изнајде и долготрајно решение“, рече Намикќамил Мустафа, директор на гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ – Тетово.
„Најубаво ќе беше учениците да бидат интегрирани во една зграда“, смета Соња Близновска, одбор на родители.
Министерот за образование ги повика локалните власти и раководството на училиштето да ја подобрат безбедноста.
„Целта е ваквите настани повеќе да не се случуваат во нашите училишта“, вели Абдулаќим Адеми, министер за образование.
Полицијата уште пред неколку дена го најде 15 годишниот напаѓач, а најавени се и засилени патроли кај училиштата особено за време на големите одмори.
Но покрај безбедноста, проблем за гимназијалците Македонци се и условите во оваа дотраена барака во која учат со години, додека нивните соученици Албанци учат во централниот објект.
Зоран Јованоски
